На два месеца пред стартот на новата сезона, Алба соопшти дека го комплетирала тимот кој ќе се бори на три фронта.
Германскиот клуб има 15 кошаркари од кои 13 настапуваа во екипата и минатата сезона. Летово си замина еден од најдобрите играчи Јоханес Тиман кој се пресели во Баерн, а нови играчи се Вил Мекдауел Вајт и Тревион Вилијамс.
Интересно е тоа што раководството и стручниот штаб на Алба одлучија да не менуваат ништо ако се знае дека Алба имаше катастрофална сезона. Во Евролигата заврши на последното место со само 5 победи на 34 натпревари, во Купот на Германија доживеа елиминација од Улм во полуфиналето, а во Бундеслигата стигна до финалето и загуби од Баерн со 1-3.


