Екипата на ТФТ денеска ги почна подготовките за новата сезона, а во неа ќе има промени во стручниот штаб.
Досегашниот асистент Методија Бешлиоски се пресели во Ираклис, па неговото место ќе го пополни искусниот Нино Чачиќ кој со ова се враќа во прволигашката кошарка. Својот последен ангажман, тој го имаше во Академија ФМП, исто така како помошен тренер, а претходно работеше и во младинската школа на Работнички со кој во 2019 година обезбеди пласман на завршниот турнир во У18 натпреварувањето.
Најголемиот успех, Чачиќ сепак го забележа со У20 репрезентацијата во чиј стручен штаб беше минатата година, при освојувањето на сребрениот медал на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Скопје. Со тоа, младинската селекција обезбеди пласман во елитната конкуренција.
Чачиќ е едно од последните делчиња во сложувалката на ТФТ пред почетокот на новата сезона во која клубот од Тафталиџе повторно се надева на висок пласман, можеби и борба за еден од трофеите.


