Култниот кошаркарски клуб од Скопје, Маџари лани се врати во второлигашка конкуренција, по пауза од над две децении, а во новата натпреварувачка кампања ќе продолжи да го отвора својот пат кон елитата.
Тимот има нов тренер во младиот стручњак Миодраг Тодоровиќ, а во своите редови донесе неколку искусни прволигашки кошаркари со кои ќе се обиде да ја оствари крајната цел. Нови членови на Маџари се Даниел Нацевски, Блажо Митков и Војче Лефкоски, но боите на клубот од Гази Баба во новата сезона ќе ги брани и едно интересно име.

Станува збор за 36-годишниот Милорад Миновски, еден од најдобрите играчи и репрезентативец на Македонија во 3х3, кој својата кариера ја изгради во Втората лига. Миновски е еден од најинтересните ликови во македонската кошарка и за него е врзан исклучително занимлив податок.
Во својата кариера има дури 10 титули од Втората лига, а уште неколку пати со своите екипи обезбедил пласман во елитната конкуренција, како второпласиран, подвиг со кој не може да се пофали ниеден друг кошаркар. Тоа му успеа минатите две сезони, со Шкупи и Вардар кои ги однесе во Првата лига, претходно истото го направи и со Ангели, Водњански лисици, Апаве итн. И покрај тоа, многу ретко играше во елитата бидејќи по изборениот пласман таму, повторно се враќаше на омиленото место. Следна цел за Миновски е да го однесе Маџари во Првата лига, но факт е дека сега ќе има голема помош во новите засилувања кои долги години се на македонската кошаркарска сцена.


