Иако договорот му истече на крајот од минатата сезона, до денеска неизвесна беше судбината на Џејмс Нанели во Партизан.
Белградскиот клуб јавно, преку социјалните медиуми се збогува со сите кошаркари кои го напуштија летово, но не и со Американецот кој дојде пред две години. Некои веруваа дека соработката ќе биде продолжена, меѓутоа тој не присуствуваше на претставувањето на тимот пред два дена и сите беа во очекување на она што се случи денеска. Партизан сега официјално се збогува и со Нанели и јасно е дека тој нема да игра во „црно-бело“ претстојната сезона.
„По две сезони, Џејмс Нанели повеќе нема да игра за Партизан. Кошаркарот кој поради своите перформанси стана еден од љубителите на навивачите, нема да биде дел од тимот, но останува неизоставен дел од историјата на клубот, како важен сегмент од генерацијата која ја освои седмата титула во АБА лигата. Џејмс, ти посакуваме многу среќа и успех во натамошниот дел од кариерата“, стои во објавата од Партизан.
На сето ова претходеше и револт од Нанели кој јавно изрази незадоволство поради тоа што не е повикан на промоцијата на тимот, ниту некој го контактирал во врска со можното продолжување на договорот. Во текот на летото за него имаше интерес од Олимпија Милано и Виртус, но во моментов не се знае каде би можел да ја продолжи кариерата.


