Случајот со Џејмс Нанели и натаму го бранува Партизан и покрај тоа што клубот денеска и официјално се збогува со својот кошаркар.
Во текот на денов, претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ во телевизиско гостување објасни дел од причините поради кои не е продолжен договорот со Нанели, а Американецот тоа не го прифати најдобро.
„Не смееме да го заборавиме инцидентот со играчот на Црвена Звезда кој се случи на крајот од минатата сезона. Обрадовиќ донесе одлука да не игра иако беше најдобар играч на претходниот меч. Но, замислете да се случеше инцидентот на натпревар, па Евролига да не суспендира. Покрај договорот, играчите потпишуваат и дисциплински правилник кој мора да се почитува. Нанели е казнет бидејќи се степа со играч на Звезда“, рече Мијаиловиќ.
Довчерашниот играч на Партизан се јави преку Твитер и тоа со контранапад кон првиот човек на Партизан.
„Ова е клевета бидејќи делував во самоодбрана. Остоја, ајде да не зборуваме за тимските правила и прописи. Не можеш да го зборуваш тоа, а две години да не ме плаќаш на време. Претпоставувам дека правилата и договорите важат само за играчите. Ќе застанам тука“, напиша Нанели.


