Актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје ги почна подготовките за новата сезона, а веќе на стартот клубот се соочи со проблеми.
Во моментов, аеродромци имаат забрана за регистрирање играчи од странство поради две одлуки на БАТ (Basketball Arbitral Tribunal). Првата е од април годинава кога Дастин Вер го доби случајот против МЗТ Скопје поради неисплатени плати, а вториот е од пред два дена. Станува збор за поранешниот тренер на шампионот Александар Петровиќ кој од клубот побарува 52.500 евра поради предвремен раскин на договорот.

Петровиќ беше на клупата на МЗТ Скопје само десетина месеци, од 27 февруари до 24 декември 2022 година, но имаше договор на година и пол и побара да му биде исплатено се, до последен денар.
МЗТ Скопје сега има рок до почетокот на сезоната да ги подмири долговите или да договори начин на исплата ако сака да ги регистрира новите засилувања.


