Еден од најголемите македонски таленти Теодор Симиќ не се договори со раководството на МЗТ Скопје и во новата сезона ќе игра во Шпанија.
Негов нов клуб е ЦБ Прат, клуб од Каталонија кој се натпреварува во Третата лига на Шпанија, но веќе 20 години е филијала на Хувентут. За Симиќ, тоа ќе биде враќање во шпанската кошарка откако неколку години настапуваше во младинската школа на Барселона. Пред две години потпиша за Игокеа, но настапуваше за Борац Бања Лука, па сега ќе се обиде да го потврди својот талент и да се избори за трансфер во поквалитетна лига.
Летово Симиќ настапи за македонската У20 репрезентација на Европското младинско првенство во Полска. Иако има само 20 години, веќе четири години е стандарден сениорски репрезентативец на Македонија.


