Утре во арената Стожице во Љубљана ќе се одржи прошталниот натпревар на легендарниот словенечки кошаркар Горан Драгиќ.
Поранешниот репрезентативец не игра повеќе од една година, но одлучи да организира проштален меч на кој ќе учествуваат голем број ѕвезди на словенечката, европската и светската кошарка. Пред натпреварот, Кошаркарскиот сојуз на Словенија му оддаде најголема почест на Драгиќ со тоа што соопшти дека ќе биде повлечен од употреба дресот со број 3 кој плејмејкерот го носеше во текот на неговата кариера и со кој ја предводеше репрезентцијата до најголемиот успех – титулата на Европското првенство во 2017 година.
„Зборови и дела не можат да ја изразат благодарноста и респектот кон големиот играч Горан Драгиќ. Неговата извонредна кариера и пристапот при носењето на националниот дрес и неговиот успех зборуваат сами за себе. На Горан Драгиќ мора да му се оддаде почит за сето она што го направи за словенечката кошарка“, изјави претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Словенија, Матеј Ерјавец.
Натпреварот во Љубљана се игра утре од 20 часот, а освен Лука Дончиќ, кој практично ќе игра на домашен терен, во Стожице ќе бидат присутни и Никола Јокиќ, Дирк Новицки, Дејан Бодирога, Предраг Даниловиќ, Александар Ѓорѓевиќ, Стив Неш, Мирослав Бериќ, Крис Бош, Јанис Адетокунбо, Богдан Богдановиќ, Бобан Марјановиќ итн.


