Иако ја пополни квотата од четворица странски кошаркари за домашното првенство, ТФТ би можел да донесе и петти странец во пресрет на новата сезона.
Последните недели со тимот од Тафталиџе тренира американскиот интернационалец Дерин Говенс, 36-годишен плејмејкер со огромно искуство во европската кошарка. Говенс има тесни врски со Македонија, а можност да го носи дресот на ТФТ имаше и лани, но во последен момент одлучи да замине во Унгарија.
Сега веројатноста да се случи тоа е уште поголема бидејќи тој е веќе десетина дена со ТФТ и многу веројатно ќе биде со екипата на грчката мини-турнеја, на 28 и 29 август кога поранешниот освојувач на Купот на Македонија во Солун ќе се сретне со ПАОК и Ираклис. Не е исклучено дури и да ја почне сезоната во Првата лига со тоа што има понуди од европски клубови и можно е, сепак, да прифати некоја од нив.
Говенс игра во Европа веќе 14 години, најмногу време помина во Унгарија каде во 2017 година беше прогласен за МВП на сезоната, а најпознат клуб во кој настапувал е поранешниот европски шампион Лимож и покрај тоа што таму се задржал само четири месеци. Во 2018 година беше член и на Нижњи Новгород и со своето искуство сигурно ќе биде огромно засилување за ТФТ.
Што се однесува до тимот од Тафталиџе, во меѓувреме е потврден договорот со Тома Стојановски, но пропаднаа преговорите со Бојчев од Еуро Никел кој одлучи да не ја прифати понудата и ќе бара друг клуб каде ќе ја продолжи кариерата.


