Израелскиот прволигаш Хапоел Тел Авив се откажа од Бруно Кабокло откако Партизан одби да даде дозвола за трансфер (letter of clearance).
Раководството на белградскиот клуб беше незадоволно од постапката на Бразилецот кој пред крајот на сезоната самоволно ја напушти Србија и замина за САД. Менаџерот на Кабокло тврдеше дека неговиот клиент имал право на такво нешто, но од Партизан демантираа и на крајот му се одмаздија на својот играч кој се уште е под договор.
„Добивме барање за трансфер и не го прифативме бидејќи работите не можат да се одвиваат така. Тоа би значело дека кој било кошаркар во кој било клуб едноставно може да си замине без никакви последици. Ние одлучивме да го задржиме бидејќи тој е наш играч на сите нивоа и сега ќе ја чекаме одлуката од ФИБА“, изјави генералниот менаџер на Партизан, Зоран Савиќ.
Хапоел му нудеше на Кабокло двегодишен договор за вкупна сума од 1,7 милиони евра, но на крајот се сврте кон францускиот интернационалец Алфа Каба.


