Минатата недела Барселона ги почна подготовките за новата сезона, а на првите тренинзи на екипата, покрај летните засилувања, можеа да се забележат уште неколку нови играчи, претежно од младинската школа.
Вниманието го привлекува Мохамед Дабоне, 12-годишен кошаркар од Буркина Фасо кој тренира заедно со далеку повозрасните кошаркари меѓу кои има и такви на кои може да им биде син. Дабоне е висок 208 сантиметри, а според возраста, јасно е дека ќе расте уште повеќе, па не е изненадување што уште сега за него постои интерес од многу европски клубови, па и НБА екипи. И минатата сезона тој тренираше со повозрасните младински категории во Барселона и беше незапирлив дури и за У16 кошаркари.
Ако претстојната сезона добие шанса на официјален натпревар, Дабоне ќе стане најмлад дебитант кошаркар во историјата на Барселона, па и во шпанската АЦБ лига. Рекордот во моментов го држи Рики Рубио кој во 2005 заигра со 14 години, 11 месеци и 28 дена.


