Поранешниот европски шампион Цибона последните години не личи на себе, а она што се случува таму служи за потсмев во кошаркарските кругови.
Последна од низата лудости на клубот е тоа што иако се наоѓа во исклучително тешка финансиска состојба и не може соодветно да се засили, во новата сезона ќе има два тренера. Позитивно е тоа што раководството на градот нашло финансиери кои ги исплатило речиси сите доверители и се очекува наскоро да биде симната забраната за трансфери која трае од 2022 година.
Сепак, ситуацијата со тренерите е ретко видена во европската и светската кошарка. Подготовките ги помина поранешниот играч на Работнички, Бариша Красиќ кој официјално ќе биде во улога на шеф на стручниот штаб, но екипата фактички ќе ја води Американецот Крис Томас. Тој не може да добие лиценца од ХКС затоа што нема трофеј во својата кариера, а и нема којзнае какви успеси бидејќи долго време работел како тренер во НЦАА, во 2013 и 2014 година бил асистент во словенечката репрезентација, го водел Златорог, а работел и во Малезија, Порторико и Јапонија во втората лига.
Раководството на Цибона не го сака Томас, но тој е наметнат од „инвеститорите“ кои во клубот донеле 1,5 милион евра во последните три години и инсистираат Американецот да ја води екипата за што тие ќе обезбедат средства. Тој инсистира да му се донесат уште двајца странци бидејќи составот на Цибона сега го сочинуваат исклучиво домашни кошаркари.


