Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс со својот тим Париз ќе учествува на меѓународниот турнир во Белград, во организација на Партизан.
Турнирот ќе се одржи од 13 до 15 септември и ќе биде еден од последните тестови пред почетокот на новата сезона. Покрај Партизан и Париз, ќе учествува и грчкиот прволигаш АЕК.
Париз оваа сезона ќе дебитира во Евролигата, исто како и Шортс кој по неколку сезони во ФИБА Лигата на шампиони и Еврокупот, конечно ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети на највисоко ниво.
За Партизан тоа ќе биде втор од трите учества на турнири во пресрет на новата сезона. На 7 и 8 септември, тимот ќе гостува на Сицилија каде ќе игра со Дертона, па потоа со Трапани или Голден Кингс, а на 22 и 23 септември во Атина ќе се сретне со Панатинаикос, па Анадолу Ефес или Макаби.


