Вечерва во Загреб ќе се одржи меморијалниот натпревар во чест на Дражен Петровиќ, а свеченоста почна синоќа со гала вечера на која беа присутни сите оние кои ќе настапат во загрепската Арена, плус специјалните гости на манифестацијата.

На неа присуствуваше и познатиот македонски навивач и љубител на спортот Горан Кипријановски Кипре кој ја искористи можноста на семејството на Дражен Петровиќ да му подари македонски дрес со неговото презиме и со бројот 4 кој го носеше славниот кошаркар. Дресот го примија Бисерка и Александар Петровиќ кои најавија дека тој во иднина ќе стои во новиот дел од музејот на Дражен.

„Ви благодариме на вниманието, знаеме дека Дражен беше исклучително популарен и сакан во Македонија и ова многу би му значело“, рече Бисерка Петровиќ.
Меморијалниот натпревар во чест на Дражен се одржува по повод 60-годишнината од неговото раѓање.


