Шампионскиот тим на Денвер Нагетс би можел брзо да биде растурен ако не стивне интерната војна која е во тек, а во која во главна улога се тренерот Мајк Мелоун и управата на чело со генералниот менаџер Калвин Бут.
Новинарот на ЕСПН, Зек Лоу објави дека двете страни се во конфликт поради различниот пристап кон тимот, односно амбициите за во иднина. Мелоун сака да ги задржи ветераните во екипата и да се обиде да освои уште некоја шампионска титула, додека Бут и компанија имаат цел да трејдуваат дел од главните кошаркари со цел да соберат пикови на драфтот и да го почнат процесот на подмладување.
Лани Денвер го загуби Кентавиус Колдвел Поуп кој замина по освојувањето на шампионската титула и менаџментот не дозволи да биде ангажирана екстерна замена за него, туку позицијата беше пополнета со играчи од постоечкиот состав. Нагетс се во преговори и со Џамал Мареј кој се смета за еден од клучните играчи на тимот, но се чини дека во моментов недопирлив е само Никола Јокиќ.
Нема да биде изненадување ако овој конфликт предизвика големи промени во тимот на Денвер во поглед на тренерската позиција и покрај тоа што Мајк Мелоун има договор до 2027 година.


