На 20-тина дена пред официјалниот почеток на сезоната, Кошаркарскиот клуб Пелистер го објави ценовникот за билетите за натпреварите кои ќе ги игра како домаќин.
Актуелниот вицешампион сака на секој меч да има поддршка од трибините, па се одлучи на симболични цени за влезниците. За домашното првенство тие ќе чинат 100 денари, за АБА 2 лигата 200 денари, но најинтересна е понудата за сезонски билети.

За најмалку три меча во АБА 2 и најмалку 11 во првенството, цената изнесува 2.000 денари, но извесно е дека битолчани ќе се пласираат и во плејофот во домашниот шампионат, а има шанси да продолжат и во втората фаза од регионалното натпреварување што носи уште три меча во салата „Бори Чурлевски“.
Претходните три сезони Пелистер стигна до финалето во домашниот плејоф, а минатата ја организираше завршницата од Купот на Македонија каде, исто така, стигна до мечот за трофејот.


