Покрај трите засилувања кои ги претстави во текот на летото (Слај, Копривица и Магдевски), МЗТ Скопје ќе ја почне новата сезона со уште двајца нови кошаркари.
Играчи на актуелниот шампион се Андреј Маслинко и Димитар Зетов кои денеска се најдоа во составот на Васко Атанасов на дуелот против Работнички, на меморијалниот турнир „Андреј Грковски“.

Маслинко е повратник во редовите на МЗТ Скопје чиј член беше од 2017 до 2021 година и во тој период освои една титула во првенството и две во Купот на Македонија. Во меѓувреме играше и за ТФТ, Гостивар и Пелистер, во битолскиот тим беше и капитен, но оттаму не беа заинтересирани за продолжување на соработката со репрезентативецот.
Зетов е еден од најталентираните македонски кошаркари, има 18 години и е поранешен кадетски репрезентативец на Македонија. Претходните две сезони ги помина во Феникс, но пред три дена официјално потпиша со актуелниот шампион на Македонија.


