На точно еден месец пред почетокот на Првата македонска кошаркарска лига, екипата на Чаир го затвори својот ростер со ангажманот на американскиот интернационалец Зек Ролинс.
Станува збор за 201 висок играч кој може да игра на позициите 3 и 4, а во Македонија доаѓа од бугарскиот прволигаш Шумен. Минатата сезона таму просечно постигнувал по 16,8 поени, 4,6 скока и 3,7 асистенции на 32 одиграни меча. Претходно играл и во Данска, Канада, Грузија и во САД. Колеџ деновите ги поминал на универзитетот Монтана Стејт.
Чаир одлично го работи периодот меѓу двете сезони и донесе исклучително квалитетни засилувања, пред се во нападот со кои може да атакува на уште поголем успех од минатата кампања кога стигна до четвртфиналето од плејофот. Се врати Мофит кој беше најдобар стрелец во домашниот шампионат, дојде првиот стрелец во првенството од Азербејџан, Тејвион Кирк и Ајзеа Кели кому ова ќе му биде прво интернационално искуство. Сите четворица Американци заедно минатата сезона имале просек од околу 70 поени по натпревар и ако тоа успеат да го пренесат тука, Чаир ќе биде еден од најефикасните тимови во лигата.


