Со две убедливи победи, актуелниот шампион МЗТ Скопје го освои пехарот на првото издание од меморијалниот турнир „Андреј Грковски Тафта“, во организација на ТФТ.
Откако вчера го растури Работнички, тимот од Аеродром вечерва беше подобар од домаќинот ТФТ со 81-56 и потврди дека се наоѓа во одлична форма на нешто помалку од три недели пред официјалниот старт на сезоната. Слично како во полуфиналето, МЗТ Скопје рано ја презеде контролата над резултатот, веќе во петтата минута дојде до двоцифрена предност (15-5), а потоа до крајот, победата во ниеден момент не беше доведена во прашање. Највисоката разлика во корист на шампионот изнесуваше 28 поени.
Андреј Магдевски со 15 поени, 7 скока и 4 асистенции беше најдобар играч на МЗТ Скопје, а по 11 поени реализираа Петков и Маслинко. Кај ТФТ, Зафиров беше најефикасен со 11 поени, а Гафни и Стојановски постигнаа по 10. За МВП на турнирот беше прогласен кошаркарот на МЗТ Скопје, Марин Петков.
Третото место на турнирот го освои Работнички кој во „малото финале“ го победи Кожув со 89-80.
фото: КК МЗТ Скопје


