Црногорскиот прволигаш Морнар е на чекор од напуштање на АБА лигата со оглед на тоа што не ги лиценцирал своите играчи за регионалното натпреварување, на нешто повеќе од две недели пред почетокот на сеозната.
Не е тајна дека во клубот постојат големи проблеми, сопственикот на Морнар има проблеми со законот и сето тоа се одразува на состојбата на некогашниот шампион на Црна Гора и долгогодишен учесник на АБА лигата. Српските медиуми тврдат дека при евентуално напуштање на Морнар, најблиску до место во елитната дивизија од АБА е МЗТ Скопје, но прашање е дали македонскиот првак во моментов е подготвен за тоа со оглед на фактот што го градеше тимот за настап во АБА 2.
Не е исклучено директорот на АБА, Милија Војиновиќ да го продолжи рокот за лиценцирање, но ни тоа не може да биде бесконечно, а во клубот нема најави дека нешто ќе тргне на подобро. МЗТ Скопје и претходно ова лето се надеваше дека по административен пат ќе се врати во АБА лигата поради проблемите на Цибона, но некогашниот европски шампион се спаси од пропаѓање и собра тим со кој ќе ја почне сезоната.


