Репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Џанан Муса испрати провокација до актуелниот европски шампион Панатинаикос, на нешто помалку од еден месец пред почетокот на сезоната во Евролигата.
Неговиот Реал загуби во последното финале од елитното европско натпреварување, подобар беше Панатинаикос кој во меѓувреме значително се засили, но Муса не смета дека шпанскиот првак е послаб.
„Мислам дека сами себе се победивме во тоа финале, водевме со 16 поени разлика и потоа застанавме. И сега кажувам дека сме подобра екипа од Панатинаикос и тоа ќе го докажеме оваа сезона“, вели Муса.
Реал остана без неколку важни играчи во текот на летото, Родригес и Фернандес се пензионираа, а Поарие замина во Анадолу Ефес. Ангажирани се неколку засилувања, меѓу кои и од НБА, но почетокот на новата сезона ќе покаже дека тимот е посилен или послаб од минатата кампања.


