Турскиот репрезентативец, роден во Охрид, Џеди Осман имал можност да остане во НБА и да се бори за нов договор, но одлучил, сепак, да ја прифати богатата понуда од Панатинаикос и да се врати во европската кошарка.
Порталот Еурохупс објави дека 29-годишниот кошаркар имал понуда од Лос Анџелес Лејкерс, но одбил затоа што од франшизата не му нуделе конкретен договор.
„Постоеше интерес од Лејкерс од каде го контактираа Осман за учество на претсезонскиот камп. Сепак, фактот што немаше гаранции дека ќе потпише договор беше клучен тој да ја одбие понудата“, пишува истиот извор.
Место во Лос Анџелес, Осман замина во Атина и потпиша договор со Панатинаикос на една сезона, со можност за продолжување на уште една. Интерес за турскиот ас постоеше и од Реал Мадрид, но менаџментот на Панатинаикос беше побрз, даде подобра понуда и успеа да го донесе во своите редови.


