Репрезентативецот на Девствените Острови, Дион Едвин се враќа во Македонија и во новата сезона ќе биде член на МЗТ Скопје.
На овдешната кошаркарска јавност, тој ѝ е познат поради тоа што во вториот дел од сезоната 2021/22 настапуваше за Работнички, во исклучително тешкиот период за најтрофејниот македонски клуб кој тогаш се најде во мини-лигата за опстанок. Остави одличен впечаток, а потоа се пресели во Унгарија каде ги помина следните две години. Минатата сезона играше во ДЕАК каде просечно постигнуваше по 13,3 поени, 5,3 скока и 5,3 асистенции.
Едвин треба да ги покрие позициите 1 и 2, а ќе биде четврти странец во тимот на МЗТ Скопје, покрај Слај, Копривица и Баковиќ. Не е исклучено за настапите во АБА 2 лигата, шампионот да донесе уште еден странски кошаркар, но впечаток е дека МЗТ Скопје заврши одлична работа во текот на летото и повторно направи тим кој треба да се прошета до тројната круна во домашната кошарка.


