Поранешниот репрезентативец на Македонија, Ивица Димчевски уште долго ќе биде дел од тимот на Феникс.
Тој го продолжи договорот со клубот од Гази Баба на дополнителни три сезони и по пензионирањето на Бојан Трајковски ќе биде највозрасен играч во составот предводен од Денис Дервишевиќ. Димчевски има 35 години и богата кариера зад себе во која, освен за македонската репрезентација, играше за многу клубови во земјава. Да не беа тешките повреди во „најубавите“ години, приказната ќе беше многу поубава со оглед на тоа што се работи за еден од најдобрите шутери во македонската кошарка и дел од националниот кој во 2011 година го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија. Во Феникс дојде во јануари 2023 година од Еуро Никел и учествуваше во најголемиот успех на овој клуб – пласманот во финалето од Купот на Македонија.
Минатата сезона Димчевски забележа 22 настапа во првенството со просечно 20 минути на натпревар. Феникс летово не беше многу активен на домашниот трансфер пазар, донесе три странски засилувања, како и Таулант Ибраими од Охрод, но одлучи да се врати на старата филозофија и да им даде шанса на младите играчи од својата школа во која има огромен потенцијал.


