Деновиве во Москва се одржува ВТБ Суперкупот кој стигна до полуфиналето, а од раководството на Обединетата лига (како што е официјалното име на регионалното натпреварување) стигнуваат интересни најави за иднина.
Со оглед на тоа што шансите за руските екипи да се вратат во европските натпреварувања се минимални, од ВТБ лигата најавуваат дека е можно на друг начин да се вклопат со другите клубови од континентот. Пред се, тоа се однесува на Партизан и Црвена Звезда кои веќе учествуваа(т) во Суперкупот.
„Размислуваме за големата можност Суперкупот догодина да го играме во Белград. Партизан беше во Москва пред две години, сега тука е Звезда и би било прекрасно двата клуба да играат заедно на турнирот. Секако нема да бидеме во Москва во 2025 поради зафатеност на арените, разгледуваме некои опции и Белград секако е во комбинација поради пријателството кое го имаме во Србија. Сепак, засега се е само на идеја, тешко е да се гарантира такво нешто“, изјави директорката на ВТБ лигата, Илона Кортсин.
Руските клубови не играат во европските натпреварувања од 2022 година кога почна војната со Украина, но и натаму ВТБ лигата е исклучително силна иако е јасно дека буџетите на најсилните клубови се драстично намалени.


