Новоизбраниот претседател на Кошаркарската федерација на Литванија, Миндаугас Балчиунас го посочи легендарниот Римас Куртинаитис за главен фаворит за испразнетото селекторско место во репрезентацијата на оваа земја.
Досегашниот предводник на националниот тим Казис Максвитис поднесе оставка по неуспехот во квалификациите за Олимписките игри, а со оглед на тоа што претстоеа претседателски избори, Федерацијата не брзаше со назначување негов наследник.
„Веќе имавме неколку состаноци со Куртинаитис, но знам зошто досега не е назначен за селектор. Морам да предложам уште неколку кандидати до Извршниот одбор, ама очекувам за две недели да добиеме конечен одговор, вклучувајќи и одговор од Куртинаитис кој без сомнение е прв фаворит“, рече Балчиунас.
Куртинаитис во моментов работи во азербејџанскиот прволигаш Сабах, а претходно ги водеше Ритас, Рига, Химки и Вулфс Вилнус. Како играч, остави длабока трага во европската кошарка и беше еден од најдобрите играчи на СССР пред распадот на оваа држава, како и на Литванија по осамостојувањето. Ако биде избран на селекторската позиција, негова прва задача ќе бидат двата квалификациските дуела за Европското првенство против Македонија кои се играат во ноември.


