Српскиот кошаркарски аналитичар Милош Јовановиќ во својот поткаст зборуваше за новите засилувања на Партизан и направи интересна паралела во врска со репрезентативецот на Јужен Судан, Карлик Џонс.
Тој го спореди искусниот плејмејкер со поранешниот репрезентативец на Македонија, Лестер Бо Мекејлеб, но додаде дека има квалитет повеќе.
„Мене Карлик Џонс ме потсетува на Бо Мекејлеб со тоа што Мекејлеб беше побрз, а овој знае повеќе кошарка. Ги сакам тие играчи за ритам, се гледа дека Карлик има квалитет, има сет скил кој не е доволен за НБА, но за Европа е одличен. Мислам дека ако одигра добра сезона, може да се избори за трансфер во поголем клуб, од типот на Барселона или Панатинаикос“, смета Јовановиќ.
Мекејлеб играше за Партизан само една сезона (2009/10), но остави толку длабока трага што навивачите уште се сеќаваат на него со големо задоволство. Таа сезона со „црно-белите“ освои тројна круна и плус играше на завршниот турнир од Евролигата каде еден напад го делеше Партизан од пласман во финалето против Барселона.


