Со натпреварот меѓу Цибона и Задар, вечерва од 21 часот почнува 24. сезона од АБА лигата, куриозитетна по многу работи.
По пауза од 19 години, односно по сезоната 2004/05 и само вторпат во историјата на ова натпреварување, лигата повторно ќе брои 16 екипи, а првпат по 2014/15 ќе има екипа која не е државите кои произлегоа од поранешна Југославија. Последниот таков учесник беше Левски, а оваа сезона во регионалното натпреварување влегува мега-проектот Дубаи чија крајна цел е учество во Евролигата. Клубот од Обединетите Арапски Емирати потпиша договор до 2026/27, со можност за негово продолжување, а за своето учество ќе плаќа над 2,5 милиони евра годишно.
Зголемен е и бројот на клубови од Србија, па од оваа држава сега ќе има шест учесници откако пласман во елитата обезбеди амбициозниот Спартак од Суботица, единствен преку АБА 2 лигата. Македонија повторно ќе биде единствена од поранешна Југославија (покрај Косово кој не е ни во комбинација) без претставник во највисокиот ранг на АБА иако ќе има три екипи во втората лига.
Нема дилема дека повторно за титулата ќе се борат српските евролигаши Партизан и Црвена Звезда и се освен нивно учество во финалето ќе биде голема сензација. Звезда има шанса првпат во историјата да биде рекордер по бројот на освоени титули, додека Партизан ќе се обиде да ја врати доминацијата во АБА откако во текот на летото направи целосна реконструкција на екипата и остави само еден играч од минатата сезона. Значително се засилија и Будуќност и Олимпија, но јасно е дека и тие немаат сили да ги загрозат белградските гиганти.
Најсериозен кандидат за испаѓање во понизок ранг е Морнар кој едвај склопи екипа и доцна ги почна подготовките, а во најтесна борба за опстанок се очекува да бидат и Крка која минатата сезона се спаси од испаѓање само поради проширувањето на лигата и Цибона која, исто како Морнар, доцна го состави тимот.
Пласман во плејофот обезбедуваат првите осум екипи на табелата. Во четвртфиналето се игра по системот 1-8, 2-7, 3-6, 4-5, првите две нокат фази се до две, а финалето до три победи. Последнопласираниот директно испаѓа, а претпоследниот ќе игра плејаут со поразениот финалист од АБА 2 лигата.
- КОЛО
20.09 Цибона – Задар 21:00
21.09 Сплит – Игокеа 18:00
21.09 Морнар – Будуќност 20:00
22.09 Дубаи – Црвена Звезда 17:00
22.09 Крка – Мега 19:00
22.09 ФМП – Олимпија 21:00
25.09 Партизан – Борац 19:00
26.09 Студентски Центар – Спартак 19:00


