Екипата на Реал Мадрид е победник во првото Ел Класико од новата сезона откако вечерва ја совлада Барселона во првиот полуфинален меч од Суперкупот на Шпанија.
„Кралевите“ славеа со 89-83 и седми пат по ред ќе играат во финалниот меч од ова натпреварување што воедно ќе биде и обид да ја освојат седмата титула во Суперкупот, вкупно десетта во историјата. Реал беше подобар на денешниот меч, го диктираше темпото и многу повеќе беше во водство, но Барселона заслужува честитки за упорноста и фактот што во ниеден момент не се откажа од триумфот.
Шпанскиот првак водеше и со 12 поени разлика (60-48) кон средината на третата четвртина, ама „каталонците“ во последниот квартал успеаја да ја стопат негативата и да израмнат во три наврати во финишот од мечот. На крајот одлучи украдената топка на Факундо Кампацо при водство на Реал од 82-80 со што зголеми на +4 на влезот на последната минута и со тоа го скрши отпорот на Барселона.
Кампацо со 15 поени беше најефикасен во победничкиот тим, Хезоња додаде 12, а Муса и Таварес по 11. Паркер постигна 17 поени за Барселона која нема трофеј во Суперкупот од 2015 година.


