Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ со трофеј го почна својот престој во Олимпија Милано откако актуелниот шампион на Италија денеска триумфираше и во Суперкупот на оваа земја.
Во финалето, Олимпија го победи својот најголем ривал Виртус со 98-96 по продолжение откако во втората четвртина тимот од Болоња имаше и 16 поени предност. Во третиот период Димитријевиќ и соиграчите успеаја да ја стопат високата негатива, а во финишот и да дојдат до водство. Во драматичната завршница Виртус имаше шанса да стави точка на 17 секунди пред крајот, но Клајбурн само еднаш беше прецизен од линијата за слободни фрлања, а потоа Нибо постигна кош за израмнување и продолжение (84-84). Во последните пет секунди, Виртус не успеа да реализира за победа.
Во продолжението се играше израмнето до минута пред крајот (93-93) по што Олимпија постигна пет поени по ред, а Виртус потоа успеа само да намали на -2. Ненад Димитријевиќ повторно беше еден од најдобрите во својот тим, постигна 16 поени, плус 5 скока и 6 асистенции, а поефикасни од него беа Нибо (20), Миротиќ и Болмаро (по 18 поени).
За Олимпија Милано ова е прв триумф во Суперкупот по 2020 година и вкупно петти во историјата на ова натпреварување.


