Реал Мадрид вчера ја победи Барселона, но сепак не стигна до нов трофеј во шпанскиот Суперкуп.
По шест триумфи во низа во ова натпреварување, на патот на најуспешниот клуб во Европа застана Уникаха која во денешното финале го совлада Реал со 90-80. За тимот од Малага ова е прв трофеј во Суперкупот во дури четвртото финале откако претходно загуби во 2006, 2015 и 2023 година. Со ова му се одмазди на Реал за ланскиот пораз во мечот за пехарот од Суперкупот на истото место каде што се играше и сега – во Мурсија.
Впечаток е дека кошаркарите на Реал беа шокирани од одличниот почеток на Уникаха која отвори со 12-0, а ја доби првата четвртина со 32-19. Тоа создаде нервоза во составот на Чус Матео, па неговите кошаркари дури пред крајот ма полувремето се вратија во игра. По серијата од 13-0, намалија на само еден поен негатива (43-44) и тогаш многумина поверуваа дека следува нов спектакуларен пресврт на шпанскиот првак.
Место тоа, третата четвртина донесе нова долга серија на Уникаха за предност од 14 разлика (61-47), во последниот квартал Реал пак се доближи на еден поен (73-74), но тимот од Малага не дозволи целосен пресврт и мирно го приведе мечот кон крај.
Камерон Тејлор со 22 поена беше најефикасен на мечот и на крајот прогласен за МВП на Суперкупот. Се истакна и поранешниот играч на Карпош Соколи, Кендрик Пери кој додаде 16 поени, додека Факундо Кампацо заврши како прв стрелец на Реал.


