ФМП направи изненадување во воведното коло од АБА лигата совладувајќи ја Олимпија на домашен терен, но натпреварот остана во длабока сенка на она што се случи во последната минута.
При еден обид да изблокира противнички играч, кошаркарот на Олимпија, Жига Данеу падна директно на глава и остана да лежи неподвижен и без свест на паркетот. Веднаш притрчаа лекарските екипи кои се обидоа да му помогнат, а она што се случуваше во салата во Железник беше толку страшно што дел од присутните на трибините почнаа да плачат.
По десет минути дојде и дополнителна помош со носилки, а кога на Данеу му беше фиксиран вратот, префрлен е во најблиската болница каде требаше да бидат извршени прегледи и да се утврди дали евентуално доживеал повреди на вратот или рбетот. Откако 22-годишниот кошаркар беше изнесен од теренот, двете екипи се договорија да не играат повеќе и да дозволат само да истечат преостанатите секунди.
Жига Данеу е внук на словенечката кошаркарска легенда Иво Данеу, а во Олимпија дојде летово од Хелиос.


