За разлика од претходните шест години, Реал Мадрид не ја почна новата сезона со трофеј бидејќи синоќа загуби во финалето од Суперкупот на Шпанија, натпреварување кое го освојуваше од 2018 до 2023.
Тоа го запали алармот во редовите на актуелниот шпански шампион кој меѓу двете сезони остана без голем број важни кошаркари. Во пензија заминаа Руди Фернандес и Серхио Родригес, си отидоа уште Венсан Поарие, Фабиен Козер, Гершон Јабуселе и Карлос Алосен, а на нивно место не се донесени соодветни засилувања. Дојдоа двајца кошаркари кои не играле Евролига досега, се врати ветеранот Серж Ибака кој има 35 години и одамна не е во најдобрата форма, а најзвучно име е Усман Гаруба.
Со оглед на долгата сезона, во Реал Мадрид се свесни дека овој играчки кадар што го имаат е мал и тренерот Чус Матео најави дека тимот дополнително ќе засилува.
„Нивото на кое играме, како и физичкиот напор кој се вложува во текот на сезоната е исцрпувачки и потребни ни се повеќе играчи за сезона со 90-тина натпревари. Не брзаме, но очигледно е дека ќе се засилиме во следниот период“, изјави Матео.
Новата сезона во шпанското првенство почнува претстојниот викенд, а Реал во првото коло гостува кај Коруња. Идната недела стартува и Евролигата каде мадридскиот гигант повторно има највисоки амбиции.


