Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ ги изрече казните за тепачката на натпреварот меѓу ТФТ и Чаир, одигран во Кале минатата недела.
Двата клуба се казнети парично, суспендирани се нивните терени, како и двајца кошаркари и еден помошен тренер. ТФТ треба да плати 30 илјади денари поради „лоша организација и непочитување на одлуката на Федерацијата, на секој меч да има дежурен лекар, комесар за безбедност и редарска служба, да биде пријавен во полиција и мечот да се снима“. Капитенот Едис Нури е суспендиран на два, а играчот Иван Наумовски на еден натпревар. Покрај сето тоа, ТФТ ќе игра без публика на првите два натпревара на домашен терен во новата сезона.
Што се однесува до Чаир, клубот е казнет со 48 илјади денари поради „остварен физички напад од страна на гледачи и негови симпатизери за време на одигрување на натпревари поради што тој бил прекинат пред истекот на времето за игра“. Суспензија на еден меч доби помошниот тренер Еркан Исмаили, а и Чаир ќе игра без публика на домашен терен во првите три натпревари од новото првенство.
Суспензија од два натпревара има и за делегатот Антонио Теофиловски поради „несовесно и неуредно извршување на должност, неуредно и непотполно спроведување на одлуки и упатства од Кошаркарската федерација на Македонија“.


