На неполна недела пред стартот на новата сезона, актуелниот вицешампион Пелистер го комплетира составот со кој ќе атакува на највисок пласман во сите натпреварувања.
Последен странски играч во тимот е српскиот интернационалец Никола Мишковиќ кој во Македонија доаѓа од рускиот Иркут каде минатата сезона просечно постигнуваше по 15 поени и 6,8 скока. Мишковиќ е „дете“ на Мега каде и ја почна професионалната кариера, има 25 години и ќе ја пополни позицијата 4. Најголем успех во кариерата му е златото на Европското првенство во јуниорска конкуренција во 2017 година, во тимот во кој, меѓу другите, играа и Балша Копривица и Филип Петрушев
Покрај него, Пелистер од странските играчи ги има уште Андрија Бојиќ, Брајан Антоан и Мајкл Едвардс. Новата сезона за битолскиот тим почнува в сабота, со дуелот од Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје.


