Искусниот стручњак Светислав Пешиќ ќе ја води српската репрезентација и во годините што претстојат, објавија денеска медиумите кај нашиот северен сосед.
Според нив, Пешиќ ќе го продолжи договорот со Кошаркарскиот сојуз на Србија на уште две години, а во тој период во својот стручен штаб ќе воведе тренер кој ќе ја продолжи неговата мисија по истекот на соработката. Тоа значи дека 75-годишниот стручњак ќе му биде ментор на својот заменик и иден наследник чие име во моментов не е познато.
И покрај тоа што ќе потпише договор на две години, главна мисија на Пешиќ ќе биде Европското првенство што ќе се одржи идното лето бидејќи во 2026 година нема големо натпреварување. На крилјата на успесите од Светското првенство и Олимписките игри, Пешиќ ќе се обиде на Србија да и го донесе првото злато од осамостојувањето во 2006 година.
Српските медиуми тврдат дека Пешиќ веќе имал неколку состаноци со Небојша Човиќ кој идната недела треба да биде инаугириран во нов претседател на Кошаркарскиот сојуз на Србија и на нив паднал договор за продолжување на договорот.


