Македонскиот првак МЗТ Скопје со убедлива победа го стартуваше походот кон АБА лигата откако вечерва на домашен терен го совлада Теодо од Црна Гора со 68-50.
Што е најважно, аеродромци не се потрошија премногу, а сепак покажаа дека амбициите со кои влегоа во сезоната не се без основа. Теодо можеби не е екипа од кремот во АБА 2, но и МЗТ не дозволи во ниеден момент победата да биде доведена во прашање.
Гостите беа конкурентни само во првите три минути во кои два пати и во водство (2-0 и 5-4). По серијата од 13-2, МЗТ го сврте резултатот во своја корист, направи двоцифрена предност (17-7) што му овозможи на нашиот тим без поголем притисок да игра до крајот на првиот дел. Предноста најчество беше двоцифрена со исклучок на стартот на второто полувреме во кое со серија од 6-0, Теодо се приближи на само -5 (30-35). Следуваше одговор со девет поени во низа за нова убедлива предност на МЗТ Скопје со што беше ставен крај на сите надежи на гостинскиот тим дека може да направи изненадување.
Војдан Стојановски покажа дека и оваа сезона ќе биде лидер на екипата, постигна 13 поени со 6 скока, а покрај него, двоцифрен беше само уште Баковиќ со 12 поени. Дека Теодо е далеку од квалитетот на МЗТ Скопје, покажува статистиката која вели дека црногорскиот тим погодил само 25,9% од ударите од поле, а за тројка има очајни 2/25. Во второто коло, на 10 октомври, МЗТ Скопје ќе гостува на Цедевита Јуниор во Загреб.


