Новата сезона во АБА 2 лигата почна вчера, а денеска дојде до целосен шок кај сите учесници и раководството на ова натпреварување.
Српскиот кошаркарски клуб Вршац го откажа своето учество и нема да се натпреварува во АБА 2 и покрај тоа што уредно поднесе пријава во теккот на летото и истата беше прифатена. Според директорот Кристијан Шерман, парите за учество во АБА 2 ќе бидат пренасочени на развој на домашните играчи и настап во Кошаркарската лига на Србија.
„Причините за ваквата одлука се бројни, а примарната е тоа што сметаме дека регионалната лига во ваков облик не носи ништо добро ни на српската кошарка, ни на клубовите кои учествуваат во неа. АБА, за жал, стана стана сервис за разигрување на неразиграните, лична корист и профит на одредени клубови и челниците на лигата, без никаква добробит за кошарката и во Србија и во регионот. Парите кои беа планирани за учество во АБА 2 (околу 25 илјади евра) ќе ги пренасочиме на учеството во домашната лига и на развојот на српските играчи“, се вели, меѓу другото, во соопштението од Вршац.
Клубот е освојувач на АБА лигата во 2005 година, таму настапуваше поранешниот македонски репрезентативец Предраг Самарџиски и до пред десетина година играше важна улога во регионалната кошарка. Отстапувањето од лигата значи дека групата во која се наоѓа и македонскиот вицешампион Пелистер останува со само три члена, но постои можност друг српски клуб да го замени Вршац. Покрај нашиот тим, тука се сега само уште Подгорица и Широки, а две од нив обезбедуваат пласман во следната фаза.


