Најтрофејниот македонски клуб Работнички нема по добро да го памти првиот натпревар на домашен терен во АБА 2 лигата во својата историја.
Тимот од Центар вечерва доживеа дебакл на отворањето на новата сезона. Подобар од Работнички беше црногорскиот претставник Сутјеска која во Кале славеше со 71-58. Најлошо од е што Работнички може да биде и задоволен од ваквиот исход бидејќи пред крајот на третата четвртина губеше и со 26 поени разлика (33-59). Во финишот гостите се „смилуваа“, го намалија темпото, па макдонскиот прволигаш се избори за пристоен пораз.
Работнички беше рамноправен само во првиот период и тоа до 16-18. Следуваше серијата која уште тогаш го одлучи победникот, Сутјеска направи 17-2 во следните седум минути и избега на 35-18. Во цела втора четвртина Работнички постигна само пет поени и тоа Полутак и Ѓуроски од линијата за слободни фрлања и Робев за тројка. На голем одмор Сутјеска замина со 37-21, Работнички во третиот период успеа да се доближи на 12 разлика (31-43), но тоа беше се од него. Гостите направија 16-2 за највисокото водство на мечот, па во последните 10 минути имаа луксуз да се олабават, а сепак да слават убедлива победа.
Робев со 13 поени и 6 скока беше најдобар играч на Работнички, а двоцифрени беа уште Јовичиќ со 12 (7 во првата четвртина) и Полутак со 10. Во второто коло, нашиот тим гостува кај првиот фаворит во лигата Војводина.


