Минатиот петок, актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер соопшти дека почнува нова ера, а како увертира во неа го промовираше новото лого кое требаше да ги симболизира најголемите знаменитости на Битола.
Точно една недела подоцна, клубот одлучи да го врати старото лого, како последица на лошата реакција кај публиката и навивачите затоа што на новото не пишува Македонија.
„Кошаркарскиот клуб Пелистер пред десетина дена го објави новото лого на клубот, во кое наша главна цел беше да биде ставен акцент на битолските симболи, Баба Планина, Саат Кулата и моликите. Пелистер е клуб што отсекогаш е гордост на Битола и новото лого беше само потврда на силната врска на нашиот колектив со градот чиј заштитен знак се овие симболи.

Изненадени бевме од реакциите добиени поврзани со новото лого кое беше создадено со најчесни можни намери, но сепак решивме да излеземе во пресрет на оние кои реагираат. Остануваме на желбата со ‘ново лого да влеземе во нова ера на клубот’, но решивме шампионатот да го почнеме со досегашниот клупски симбол, кој ќе го носиме до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

Во меѓувреме, отворени сме за дискусија и предлози околу дополнување на логото или евентуално ново идејно решение, се со цел КК Пелистер да има симбол со кој ќе се гордее цела Битола“, објави клубот.
Новата сезона Пелистер ја отвора утре со дуелот од Суперкупот на Македонија, против МЗТ Скопје на кој, сепак, ќе настапи со старото лого.


