Сезоната во македонската кошарка официјално почнува денеска со натпреварите од Суперкупот „Драган Василов Цевка“ во машка и женска конкуренција.
Кај мажите се среќаваат бранителот на трофејот МЗТ Скопје и новиот предизвикувач Пелистер кој првпат во својата историја ќе учествува во ова натпреварување. Во последните десетина година, на мегдан со МЗТ во Суперкупот излегоа неколку екипи, но ниеден од нив не успеа, па тимот од Аеродром е со само еден пораз, доживеан далечната 2000 година, од Николферт.
МЗТ Скопје има пет триумфи во низа и вкупно шест на 11. досегашни изданија од Суперкупот, а вечерва ќе се обиде да ја продолжи серијата во домашна кошарка каде ги освои сите трофеи од 2022 година. Токму Пелистер беше првиот кого го победи, во финалето од плејофот за потоа против битолскиот тим да освои уште три трофеи меѓу кои и последните два. За битолскиот прволигаш ова ќе биде петта шанса во последните две години, конечно да се закити со трофеј кој би бил прв во неговата историја.
Пелистер ќе влезе во новата сезона со драстично изменет состав, но и со нов тренер. Александар Петровиќ се врати по 16 години, а своето деби ќе го има токму против клубот кој го водеше до декември 2022 и со кој освои една шампионска титула. МЗТ Скопје не направи голем рез, донесе тројца нови странци, но и две засилувања токму од Пелистер: Андреј Магдевски и Андреј Маслинко. Заедно со браќата Стојановски, Бојан Крстевски и останатите, МЗТ Скопје пак е фаворит за тројната круна во домашната кошарка.
Натпреварот од Суперкупот во машка конкуренција се игра во Кале од 19:30 часот, а од 17 часот, на програмата е мечот кај дамите во кој за пехарот ќе се борат Баскет Кам и МЗТ Скопје.


