За разлика од клубот кој го води од оваа сезона, тренерот Александар Петровиќ има два пехара во Супекупот на Македонија, освоени токму како тренер на денешниот ривал МЗТ Скопје. Првиот е од 2003, а вториот од 2022 година.
По 20 месеци апстиненција од домашната кошарка, искусниот стручњак се враќа како шеф на стручниот штаб на актуелниот вицешампион и ќе се обиде денеска да влезе во историјата како прв кој му донел трофеј. Пелистер ќе дебитира во Суперкупот на Македонија и желба на сите во клубот е да се стави крај на серијата порази во финални натпревари или серии, а за што најголем „виновник“ е токму МЗТ.
„Ниту сме ние фаворити, а тие аутсајдери, ниту пак обратно… Ова ќе биде дуел на две квалитетни екипи што ќе водат многу битки во текот на сезоната. Очекувам квалитетен меч што ќе го решаваат нијанси. Освојување на Суперкупот би значело многу. Тоа би бил прв трофеј за клубот. По толку финалиња и успеси ни недостига еден трофеј и многу би значел за екипата. Во еден натпревар сите опции се отворени “, смета Петровиќ.
За Пелистер денешниот натпревар ќе биде официјално отворање на сезоната, а за три дена го очекува првиот меч во Битола во меѓународните натпреварувања што ќе биде уште еден историски момент.


