Актуелниот шампион на Италија, Олимпија Милано доживеа неочекуван пораз на стартот од новата сезона во домашното првенство.
На гостувањето кај Трст, тим кој минатата кампања се натпреваруваше во Втората лига, Олимпија Милано загуби со 78-84 во меч во кој речиси постојано беше во негатива. До средината на втората четвртина, гостите неколку пати имаа и предност, највисоката со пет поени разлика, но оттогаш до крајот, контролата над резултатот ја имаше Трст. На моменти, предноста на домаќините изнесуваше и со 12 поени, а и покрај силните напори, Олимпија Милано не успеа да направи пресврт во финишот.
Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ се вклопи во сивилото на својот тим и за 23 минути постигна само два поена иако беше најдобар асистент во тимот со седум асистенции. Шансата за прва победа Олимпија Милано ќе ја бара идната недела против Сасари на домашен терен, а во меѓувреме ја почнува новата сезона во Евролигата со гостувањето кај Монако.


