Францускиот репрезентативец Матијас Лесор ја истакна големата љубов кон својот поранешен клуб Партизан и сегашниот, Панатинаикос, но додаде дека ги сака на различен начин.
Тој играше во белградскиот клуб од 2021 до 2023 година, а во ПАО се пресели лани и со него триумфираше во Евролигата.
„Единствено е искуството да ги имам покрај себе пријателите од Партизан и да играм за нив. Тие прават да се чувствувам комотно, имаме прекрасен однос и сето тоа доаѓа апсолутно природно. Во исто време, јасно е дека истата конекција ја имам и со навивачите на Панатинаикос, но сето тоа е различно. Јас ги сакам Партизан и Панатинаикос како што се сакаат мајка и сопруга, двата клуба на посебен начин“, изјави Лесор.
Минатата сезона тој ги прославуваше победите на Партизан со своите соиграчи и навивачите со тоа што го вклучуваа во живо преку видео кол. Освен тоа, Французинот често преку социјалните мрежи испраќаше пораки за поддршка до своите пријатели од Партизан.


