Екипата на Ла Коруња оствари историски успех откако на своето во АЦБ лигата дојде до првата победа и тоа не против кого било, туку против најуспешниот шпански клуб Реал.
Дебитантот во елитата славеше со 86-85 и покрај тоа што Реал речиси постојано беше во водство, а во последната четвртина имаше и +9. Клучниот момент на мечот се случи на секунда пред крајот кога Јунио Баруета погоди тројка за израмнување (85-85), а притоа беше фаулиран од Џанан Муса и доби слободно фрлање. Баруета беше прецизен и од „пенал“ позицијата за историски успех на неговиот тим.
Поразот од Ла Коруња ќе го зголеми притисокот врз тренерот на Реал, Чус Матео кој минатата недела не успеа да го освои ни трофејот од Суперкупот на Шпанија, па во првите три официјални натпревари од новата сезона, мадридскиот тим има два пораза. Матео по Суперкупот порача дека му се потребни нови кошаркари, но во меѓувреме остана и без хрватскиот репрезентативец Марио Хезоња кој страда од мистериозна болест и ќе биде надвор од тимот на неодредено време.


