Трет пат по ред, екипата на Олимпијакос е освојувач на трофејот во Суперкупот на Грција откако во вечерашното финале го совлада својот најголем ривал со 86-85.
Како и сите натпревари на овие две екипи, повторно имаше војна на теренот, па мечот траеше повеќе од 2,5 часа. Една од главните причини за тоа беше прекинот од 30-тина минути во почетната фаза поради скршениот обрач по забивањето на Рајт, но и во останатиот дел од дуелот, играта често беше прекинувана поради спорни ситуации и жестоката борба меѓу двете екипи. Олимпијакос го диктираше темпото речиеи цел натпревар, имаше и девет поени предност, а ПАО беше во предност само краток период во третата четвртина.
Во драматичниот финиш, кошаркарите на Олимпијакос ги задржаа нервите и дојдоа до победата со која на фантастичен начин ја почнаа новата сезона.
Блескаа Везенков, Дорси и Петрушев кои заедно постигнаа 57 поени, но бугарскиот репрезентативец беше прогласен за МВП и покажа дека ќе биде исклучително големо засилување за тимот од Пиреја. За Панатинаикос не играше Осман, а најефикасен беше Григонис со 19 поени.


