Претстојниот викенд треба да почне новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига во машка конкуренција, а клубовите во земјава уште не ги добиле планираните финансиски средства од т.н. ваучери.
Тоа им ја отежнува работата на голем дел од нив бидејќи ваучерите до лани обично ги добиваа во првиот квартал од календарската година и со нив ги подмируваа трошоците за таа сезона. Утре почнува октомври, а клубовите не ја добиле финансиската поддршка од државата по системот, односно законот, кој во меѓувреме беше променет и место ваучери, одлучено е Владата преку ресорното министерство за спорт, директно да ги префрла средствата.
Како последица на тоа, дел од клубовите уште не ги расчистиле ни обврските од минатата сезона, како за своите сегашни и тогашни кошаркари, така ни кон Федерацијата, па претседателот Перо Антиќ и неговите соработници во петокот инфомираа дека вкупниот долг достигнал сума од над 250 илјади евра, сметајќи ги сите субјекти, во сите конкуренции и категории.
Иако се уште нема официјална иницијатива, претставниците на клубовите се постојано во меѓусебна комуникација на оваа тема и се посериозно размислуваат за одложување на првенството бидејќи, како што велат, постојат проблеми во нивното функционирање. Екипите се веќе месец до два во тренажен процес и на кошаркарите треба да им се исплатат плати, а има клубови кои немаат општинска помош и во најголем дел зависат од парите од државата.
Минатиот месец имаше ветување од министерот за спорт дека парите ќе бидат исплатени до крајот на септември, а новата информација што ја имаат клубовите е дека рокот е пролонгиран до 15 октомври. Министерот рече дека вкупната сума ќе изнесува околу 10 милиони евра, но никој од клубовите не знае колку ќе добие и покрај тоа што имаше рангирање од Агенцијата за млади и спорт која до пред неколку месеци ги вршеше овие работи.


