Една од главните теми во српската кошарка последните недели и месеци е дали најдобрите клубови од оваа земја да останат во АБА или да се формира силна национална лига.
Голем е бројот на оние кои се залагаат за втората опција затоа што АБА повеќе не обезбедува место во Евролигата и, како што велат, не се гледа смислата на учеството во регионалното натпреварување. Освен тоа, поради националниот клуч, во елитната дивизија не можат да учествуваат повеќе од шест екипи од Србија и сето тоа предизвикува револт.
За напуштање на АБА е и селекторот на репрезентацијата на Србија, Светислав Пешиќ, но против тоа се изјасни претседателот на Олимпискиот комитет и четиркратен европски шампион Божидар Маљковиќ.
„Нема да се согласам со оние кои не сакаат АБА да постои бидејќи сметам дека ние не можеме без АБА. Би сакал да се направи српска лига, но да се потпишат оние кои ќе го направат тоа за да знаеме еден ден кого да критикуваме или фалиме. Имам и едно прашање: Каде е седиштето на АБА? Не е во Белград, туку… Во Загреб. Ме замоли Богдан Тањевиќ да ви пренесам дека ова е и негов став“, изјави Маљковиќ.
Српските клубови не учествуваа во инаугуралното издание на АБА лигата, во сезоната 2001/02, но се најуспешни со вкупно 17 титули во 22. досегашни сезони.


