По МЗТ Скопје и Работнички, денеска својата авантура во АБА 2 лигата ја почнува и третиот македонски претставник во ова натпреварување Пелистер.
Од 18 часот, вицешампионот на домашен терен го пречекува босанскиот прволигаш Широки во мечот кој е од историски карактер за клубот и битолската кошарка. Пелистер четврта сезона учествува во АБА 2 лигата, но денешниот ќе биде прв меѓународен меч на домашен терен во историјата на клубот. Натпреварите од АБА 2 по корона-пандемијата се играа во „балони“, по турнирски систем, додека оваа сезона системот е променет, екипите се поделени во четири групи со по четири учесници и сега игра дома-гости.
Пелистер во текот на летото значително го промени својот состав, донесе голем број нови кошаркари и целта е оваа сезона да се освои некој трофеј. Еден веќе избега, тој од Суперкупот на Македонија кој се играше во саботата и во кој битолчани загубија од МЗТ Скопје. Остануваат уште првенството и Купот на Македонија, а целта во АБА 2 е тимот да стигне што подалеку.
„Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето, но не криеме дека сакаме барем еден трофеј. Секое натпреварување е значајно, Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото, прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман. Ќе одиме на трофеј во сите натпреварувања, ќе видиме до каде ќе дотуркаме на крајот од сезоната, но мислам дека постојат предуслови за врвни резултати. Она што можам да го кажам е дека ќе играме убава кошарка за око како што беше случај и на овие подготовки, сигурно ќе бидеме конкурентни за освојувње на трофеите, а за пехарите ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал, подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар“, рече новиот тренер на Пелистер, Александар Петровиќ.
Натпреварот против Широки е закажан за денеска од 18 часот, а Пелистер во продажба ги пушти билетите кои за овој меч чинат 200 денари.


