Еден од најискусните во тимот на Пелистер е српскиот интернационалец Андрија Бојиќ кој оваа сезона ќе биде и меѓу лидерите на тимот од Битола.
Крилниот центар беше најдобар играч на Пелистер во дуелот од Суперкупот на Македонија против МЗТ Скопје и тврди дека неговиот тим може многу подобро од она што го покажа во саботата. Битолскиот тим денеска го пречекува Широки во првото коло од АБА 2 лигата што ќе биде и прв меѓународен меч за клубот на домашен терен во неговата историја.
„Она што прво треба да го направиме е да го оставиме зад себе оној меч со МЗТ Скопје од пред неколку дена. Ние сме многу подобар тим од она што го покажавме на тој натпревар, работевме напорно во текот на подготовките и сакаме да излеземе на терен со нашето вистинско лице, да ги покажеме квалитетите што ги поседуваме. Противникот е квалитетен, но истото се однесува со нас, а верувам дека со помош на навивачите можеме да стигнеме до посакуваниот триумф“, рече Бојиќ пред вечерашниот дуел.
Пелистер оваа сезона ја дочека многу амбициозно, со бројни засилувања во своите редови и со надеж дека, конечно, ќе освои трофеј.


